ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ / Биро за јавни набавки
Дали понудата од економски оператор кој учествува во електронска постапка како правно лице, може да биде потпишана со дигитален сертификат на физичко лице?
Одговор БЈН: Согласно Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис „Сертификат е потврда во електронски облик со кој се потврдува врската меѓу податоците за проверка на електронски потпис со одредено лице, носителот на сертификатот и идентитетот на тоа лице“. Со видовите сертификати кои се издаваат од страна на овластените издавачи на серификати во РМ- КИБС и Телеком се прави дистинкција помеѓу физички лица (за приватна употреба) и правни лица (професионална употреба). Преку серификат за физичко лице не може да се утврди правното лице кое стои зад понудата. Поради тоа, во постапките за доделување на договори за јавни набавки, исклучиво се користат сертфикати за професионална употреба, затоа што само преку нив се потврдува врската помеѓу носителот на сертификатот и правното лице - понудувачот. Комуникацијата во постапките за јавни набавки се одвива помеѓу економскиот оператор (како правно лице) и договорниот орган, освен во случај кога економски оператор или понудувач е самото физичко лице.
Кој треба дигитално да ја потпише понудата (и останатите потребни документи) од страна на економскиот оператор при поднесувањето на понудата и дали може лице кое не е овластен потписник да биде носител на дигиталниот сертификат?
Одговор БЈН: Носител на дигиталниот сертификат со кој се потпишуваат документите кои се составен дел на понуда (финансиска и техничка понуда, изјави), задолжително треба да биде овластениот потписник на правното лице (економски оператор) или лице ополномоштено од овластениот потписник. Иако на едно лице кое не е овластен потписник кај економскиот оператор за да му биде издаден сертификат потребно е да приложи овластување (полномошно) од овластениот потписник (управителот) на правното лице, сепак кога тоа лице-носител на сертификат ќе потпишува понуда потребно е полномошното да го приложи како составен дел на понудата. Полномошното ќе се смета за валидно доколку е приложено во: а) електронска форма потпишано со дигитален сертификат на управителот или б) во скенирана форма, со печат и своерачен потпис на управителот.
За кои активности е потребен дигитален сертификат (електронски потпис) при користењето на ЕСЈН?
Дали е можно физички лица да се регистрираат на ЕСЈН?
Одговор БЈН: Да, физички лица може да се регистрираат на ЕСЈН преку посебен линк „Регистрирај физичко лице“ кој може да се најде во менито „Економски оператор“.
Кои документи се потпишуваат со дигитален сертификат во случај на групна понуда?
Одговор БЈН: Во случај на групна понуда, носителот на групата задолжително ги потпишува со дигитален сертификат: понудата, потребните изјави и целокупната документација која самиот ја изготвува и потпишува. Доколку членовите на групата не поседуваат дигитален сертификат, потребните изјави и документацијата која тие ја изготвуваат и потпишуваат може да биде своерачно потпишана и доставена во скенирана електронска форма.
Дали е дозволено одредени документи да се достават во хартија во случај на спроведување на постапка во електронска форма?
Одговор БЈН: При спроведување на постапка целосно по електронски пат економскиот оператор целокупната придружна документација ја доставува во скенирана електронска форма. Економските оператори можат во хартиена форма да ја поднесат единствено документација во нестандарден формат и големина пред крајниот рок за поднесување на понудите, доколку истите се преобемни за скенирање и прикачување на ЕСЈН.
Како да потпишам pdf документ?
Одговор БЈН: Потпишувањето на *.pdf документи може да се изврши на повеќе начини и со различни програми. Доколку поседувате лиценца од Adobe Acrobat Pro можете да ги потпишувате *.pdf документите со него. Потпишувањето на pdf документи може да го направите и со помош на Jsignpdf (бесплатна - open source програма), истата може да ја преземете на следниот линк:http://jsignpdf.sourceforge.net/. Детално упатство за начинот на потпишување на pdf документи може да најдете во прирачникот - Општи и технички препораки, објавен на Електронскиот систем за јавни набавки во делот Документи. Препорака на БЈН е да ја користите Jsign програмата, а не останати third-party програми за потпишување на pdf документи.
Доколку вашиот кориснички профил е блокиран поради: а) непополнето известување за склучен договор, б) известување за поништување на постапка за доделување на договор за јавна набавка или в) непополнета/неажурирана евиденција на постапките со барање за прибирање на понуди, кога на ЕСЈН ќе може да објавите оглас?
Одговор БЈН: Доколку корисничкиот профил на договорниот орган е блокиран по некој од претходно наведените основи, во зависност од типот поради кој е блокиран профилот потребно е: а) да се пополни известување за склучен договор, б) да се пополни известување за поништување на постапка за доделување на договор за јавна набавка или в) да се внесе испуштен запис за договор за оглас за барање за прибирање на понуди во веќе објавена евиденција или да се пополни евиденција на постапките со барање за прибирање на понуди (доколку не е објавена). Откога договорниот орган ќе ги внесе испуштените договори поради кои бил блокиран, системот автоматски ќе го деблокира корисничкиот профил наредниот ден кога се врши ажурирање на податоците.
На е-маил адресата која ја доставив при регистрацијата не ми стигнуваат пораките испратени преку ЕСЈН
Одговор БЈН: Проверете дали пораките пристигнуваат во вашето поштенско сандаче на ЕСЈН. Сите регистрирани корисници на системот имаат на располагање свое електронско поштенско сандаче, кое се отвора по кликнување на иконата со два коверта кои се наоѓаат во горниот десен агол кај сите најавени корисници. Целта на воведувањето на функционалноста „Поштенско сандаче“ е да се избегне ризикот од евентуален прием на дел од електронските известувања кои ги испраќа ЕСЈН во “Junk E-mail” (непотребна пошта) или пак воопшто да не пристигне пораката на регистрираната адреса на е-пошта на корисникот. Поштенското сандаче има функција и на огласна табла, што значи дека доставата на е-пораката се смета за уредна и успешно извршена доколку се појави во поштенското сандаче, без разлика дали таа порака е доставена и до регистрираната адреса на е-пошта. Бирото сноси одговорност само за испратените/примените пораки во поштенското сандаче на ЕСЈН.
Дали договорниот орган треба да објави прилог за измена на огласот во Службен весник на РМ доколку и огласот бил објавен во Службен весник?
Одговор БЈН: Законот за јавните набавки не предвидува експлицитно обврска за објавување на прилозите за измена на содржината на огласот во Службен весник на РМ. Имено, начинот на изменување на огласот не е предвиден во членот 54 од законот каде е уредено објавувањето на огласите во постапките за доделување договори за јавни набавки. Од тие причини, како и поради големите трошоци за објавување во Службен весник на РМ, сметаме дека нема обврска за објавување на прилозите за измена на содржината на огласот или тендерската документација во Службен весник кај постапките каде објавувањето на огласот е задолжително во Службен весник. Секако, договорниот орган нема пречки да го објави прилогот и во Службен весник, но секогаш треба да поаѓа од оправданоста на трошоците кои се генерираат во постапката, а согласно со еден од основните принципи од членот 2 од законот за рационално искористување на јавните средства. Исто така, на системот е развиен автоматизиран процес на испраќање на нотификација до сите економски оператори кои што презеле тендерска документација за конкретен оглас, доколку на огласот се извршени измени или дополнувања и притоа заинтересираните компании се информирани правовремено.
Кога понудата се смета дека е потпишана со валиден дигитален сертификат?
Одговор БЈН: Електронски поднесената понуда има валидност и доказна сила еднаква на понуда која е доставена во хартиена форма кога е потпишана со користење на квалификуван дигитален сертификат издаден од регистриран издавач на сертификати. Дигиталниот сертификат мора да биде издаден за правно лице. Прифатливи сертификати се сите оние кои ги задоволуваат стандардите за квалификуван дигитален сертификат согласно Директивите на ЕУ. Регистрирани издавачи во Македонија за дигитални сертифисе Телеком и КИБС. Доколку сертификатот е издаден од странски издавач, потребно е издавачот да биде авторизиран (регистриран) во земјата на потекло како официјален издавач на дигитални сертификати. Комисијата за јавни набавки го задржува правото да бара дополнителни докази за валидноста на сертификатот и кредибилитетот на издавачот. Сите понуди кои се потпишани со невалиден сертификат се сметаат за неприфатливи.
При евалуација на понуди кај постапка што се води по електронски пат, финансиската и техничката понуда се поднесени во скенирана форма и НЕ се електронски потпишани. Дали таквата понуда е прифатлива и може да биде евалуирана?
Одговор БЈН: Член 58, став 2, од ЗЈН пропишува дека доколку документите се доставуваат со користење на електронски средства, тогаш ќе се применуваат прописите со кои се регулира електронскиот потпис. Електронскиот потпис е регулиран со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис, во кој во член 13, став 1, е пропишано дека „општо прифатлив електронски потпис со квалификуван сертификат даден во врска со електронски податоци е изедначен со своерачен потпис и затоа има еднаква важност и сила на доказ, како и своерачниот потпис даден во врска со хартиени документи“. Ова значи дека за да електронски поднесената понуда има валидност и доказна сила еднаква на понуда која е доставена во хартиена форма тогаш мора да се потпише со користење на квалификуван дигитален сертификат издаден од регистриран издавач на сертификати. Обврската за електронско потпишување се однесува на понудата, односно на секој документ во електронска форма кој самиот понудувач го составува (на пример, финансиска понуда, техничка понуда, изјава и сл.). Доколку финансиската и техничката понуда НЕ се потпишани со дигитален сертификат, таквата понуда ќе се смета за НЕПРИФАТЛИВА.
Дали за спроведување на електронска аукција кога постапката за доделување на договор за јавна набавка е водена во хартиена форма (директна е-аукција) е потребен дигитален сертификат?
Одговор БЈН: За спроведување на директна е-аукција (електронска аукција кога постапката е водена во хартиена форма) НЕ е потребен дигитален сертификат.
Дали за објавувањето на огласи и известувања е потребен дигитален сертификат?
Одговор БЈН: За објавување на огласите и известувањата на Електронскиот систем за јавни набавки НЕ е потребен дигитален сертификат. После пополнувањето, огласите и известувањата автоматски се објавуваат на системот без користење на дигитален сертификат.
Доколку сум економски оператор (приватна фирма), за користење на кои функционалности е потребно да се регистрирам на ЕСЈН?
Одговор БЈН: ЕСЈН на регистрираните корисници им ги нуди следниве функционалности: преземање на објавени тендерски документации, автоматски известувања за новообјавени огласи, поднесување на понуди на постапки кои се водат по електронски пат, учество на е-аукции, поднесување на конечна цена и поставување прашања во врска со конкретна постапка што се води по електронски пат. За да ги користи претходните услуги на системот, корисникот мора да се регистрира на ЕСЈН. За пребарување на огласите и известувањата, не е потребна регистрација на системот.