ЕСЈН разговараше со Марјан Патлиџанковски кој подолг временски период е претставник на договорен орган во областа на јавните набавки, а разговорот беше воден на повеќе актуелни теми поврзани со јавните набавки. Погледнете го интервјуто во целост !
ЕСЈН : Какво е Вашето генерално мислење по однос на досегашната примена на Законот за јавни набавки ?
Марјан: Најнапред, сакам да се заблагодарам на тимот на креатори за можноста да учествувам со свое мислење при креирањето на уникатната платформа за советување од областа на јавните набавки ЕСЈН, за која искрено се надевам дека ќе биде од огромна корист за сите професионалци кои се занимаваат со јавните набавки. По мое мислење, Законот за јавни набавки, донесен во 2019 година, се покажа како една убава замисла, но со оглед дека мојот професионален ангажман е во релативно мал по буџет договорен орган, од досегашното искуство сеуште немаме употребувано доста од новините кои овој закон ги донесе на сила. Од тука, сметам дека ова законско решение нуди доста можности кои во праксата и не така често се применуваат.
ЕСЈН: Кои се предностите и недостатоците од ова законско решение во однос на претходното ?
Марјан: Сметам дека зголемените вредносни прагови играат значајна улога при спроведувањето на јавните набавки со ова законско решение. Исто така, би сакал да истакнам дека можноста да не се спроведува е-аукција е добра алатка за постигнување на реална цена, при што може да се избегне можноста од постоење на т.н “конкурентски договор“ при спроведувањето на е-аукциите.
Од друга страна, можноста да се користат трошоци на животен век како економски најповолна понуда е одлична, но поради недостиг на време за осмислување на тендерска документација и истражување на животниот век на производот кој е предмет на набавката, сметам дека оваа можност не се употребува често во праксата. Значителна промена од старото решение е и можноста да не се објавува проценетата вредност на јавната набавка, за кое сметам дека повторно може да се окарактеризира како позитивна примена бидејќи доведува до реални цена.
По однос на воведувањето на управна контрола за тендерите со поголеми износи, како и за укинувањето на Советот за јавни набавки, сметам дека во праксата се покажуваат како доста негативни. Имено, управната контрола во целост не ги дава очекуваните резултати да биде контролор на системот за јавни набавки, која улога во старото законско решение ја имаше Советот за јавни набавки и ја извршување задоволително. Од тука, сметам дека Управната контрола треба да постои без ограничување со вредност.
ЕСЈН: Какво е Вашето мислење по однос на воведувањето на незадолжителна примена на е-аукција ? Дали тоа во праксата ги дава очекуваните резултати ?
Марјан : Генерално го оценувам позитивно тоа што договорниот орган има право на избор СО или БЕЗ е-аукција, дури сметам дека во иднина може да се размислува и за нејзино целосно укинување, со оглед на тоа што при спроведувањето на аукциите многу често се доаѓа до склучување на договор со несериозни економски оператори, а со тоа се доведува во прашање задоволувањето на потребите од јавни набавки на договорните органи.
ЕСЈН: Дали воведувањето на економски најповолна понуда како најдобар однос помеѓу цената и квалитетот, е доволно применуван во досегашната пракса или само законска можност без практична примена ?
Марјан : Како што стои и во прашањето „законска можност без практична примена“. Спроведувам постапки за јавни набавки каде што критериум за избор на најповолна понуда е односот помеѓу цената и квалитетот, но не покажуваат резултати, бидејќи потребите на одговорното лице се такви да цената има клучна улога, а квалитетот е само додаден како „можност“ поради законот. Инаку сметам дека во праксата и понатаму најчесто ќе се применува само цената како економски најповолна понуда.
Какво е Вашето мислење по однос на транспарентноста на електронскиот систем за јавни набавки преку воведувањето на задолжителните обврски на договорните органи за објавување на годишните планови, склучените договори, изменетите договори, реализираните договори, како и можноста во период до конечност на одлуката да се врши увид во сите документи од постапката за јавна набавка ?
Марјан : Во делот на транспарентност, сметам дека добро е што се воведоа задолжителните објави. Во мојата пракса се покажа дека сѐ додека не се стави како законска обврска истото нема практична примена. Сега откако сето тоа е задолжително, и јас лично објавувам и договори и понуди и целосни евиденции. Дури и пополнувањето на кварталните евиденции под вредносните прагови се убава алатка за одделенијата за финансиски прашања да имаат увид во трошоците. За одделенијата за јавни набавки овие евиденции под вредносните прагови се само дополнително обременување на работата без притоа да има какво било значење за јавните набавки.
Исто така сметам дека увидот не треба да се прави само во периодот по конечноста на одлуката, туку од почеток при објавата на огласот. Ако треба да се врши увид, тоа може да се направи со целосно следење во сите чекори додека трае постапката без при тоа да знае договорниот орган дека е проверуван. Доколку се открие недоследност, тогаш да се реагира системски и да му се даде до знаење на договорниот орган дека е проверуван и дека треба да запре или да му се посочи како да продолжи со постапката. На овој начин и постапката ќе тече без прекин и проверката ќе се врши тековно без знаење на договорниот орган. На овој начин ќе се зголеми свесноста кај Единиците за јавни набавки и кај Комисиите да бидат исклучително внимателни при спроведување на постапките.
ЕСЈН: Кои се Вашите препораки по однос на унапредување на системот за јавни набавки во целина ?
Марјан:
- Да се укине целосно можноста за примена на е-аукција !
- Да се воведе ЗАДОЛЖИТЕЛНА употреба за делење на набавките во делови за да се избегне манипулација со фирмите !
- Да се воведе ист или сличен систем на контрола како оној со Советот за јавни набавки !
- Да се забрани Најниска цена како клучен фактор !
- Да се овозможи искажување на БРЕНД при купување на КВАЛИТЕТНА стока !
- Да се објасни детално зборот ЕКВИВАЛЕНТНО и да им се објасни на економските оператори дека тоа не е „со полош квалитет“ туку со подобар. Или да се укине опцијата еквивалент!
- Да се овозможи набавка од мала вредност со повисок праг за да се избегне непотребното време за спроведување на постапката !
- Да се зголеми понудата во е-пазар и да не се ограничува купувањето на е-пазар со вид на постапка !
- Да се вршат управни проверки независно на вредноста на ЈН !
- Да се скрати времето на мирување до потпишување на договор !
- Да се воведе задолжително прикачување на сите документи при поднесување понуда !
- Да не се бара Изјава за судир на интереси од Комисијата, туку само од Одговорното лице !
- Да се воведе задолжителна употреба на електронски потпис за цела Комисија без можност за потпис со скенирање !
- Да се заменат кривичните казни за Комисиите составени од „вработени“ без лиценца за јавни набавки, а да останат за Одговорните лица !
- Комисиите за јавни набавки да се составени исклучиво од лица за јавни набавки !
- Одлуката за избор да се креира преку ЕСЈН заедно со се Извештајот од спроведена постапка и да во неа да содржи податоци кои ќе служат како известување !
- Кога ќе се донесе Одлуката автоматски да се испрати до економските оператори без притоа да се прави Известување !
Со Почит.
Марјан Патлиџанковски